Фудбалската репрезентација на Англија загуби на последниот натпревар пред Европското првенство, на својот „Вембли“ против Исланд (0-1).
Јавноста во Англија е разочарана од селекторот Герет Саутгејт. Предводникот на англиската репрезентација зборуваше по натпреварот и го изрази своето разочарување.
„Очигледно беше дека играта беше неповрзана и разочарувачка. Не покажавме доволно карактер, но мислам дека е добро за нас што се случи ова пред почетокот на натпреварувањето. Ќе бидеме подготвени за натпреварите на ЕП. Овој натпревар е затворен, иако не мина така како што се надевавме. Им кажав на играчите дека нема секој меч да оди како што сакаат, а таков беше дуелот со Исланд. Исто така нема секогаш сè да оди наопаку, имавме доволно шанси да победиме, но премногу пропуштивме“, изјави Саутгејт.
Состојбата во тимот на Англија не е сјајна, особено откако отпишан од националниот тим за Европското првенство беше Џек Грилиш кој е доста популарен меѓу соиграчите.