Мирлинд Даку предизвика бурни реакции во регионот со своето однесување во натпреварот помеѓу Хрватска и Албанија, УЕФА веќе потврди дека ќе го казни, а сега пристигна и најава дека ќе биде казнет од неговиот клуб, Рубин Казан.
Рубин Казан кој претходно објави соопштение изразувајќи само разочарување, сега со нова реакција потврди и дека фудбалерот ќе биде казнет по завршувањето на репрезентативните обврски.
„Мирлинд Даку испрати навреди по натпреварот од ЕУРО меѓу Албанија и Хрватска. Нашиот клуб ја презема одговорноста за она што се случи, Рубин е мултинационален тим и секогаш се придржувал до принципите на респект и еднаквост, категорично отфрлајќи каква било дискриминација или навреди на национална, религиска или расна основа.
По враќањето од репрезентативните обврски, Рубин ќе донесе дисциплински и финансиски санкции за нашиот фудбалер. Освен тоа, ќе имаме разговор со цел вакви инциденти да се избегнат во иднина“, oбјави Рубин.