Фудбалерите на Џенова и Рома одиграа нерешени 1-1 во рамките на четвртото коло. Средбата на „Луиџи Ферарис“ делуваше дека ќе заврши со гоститнска победа, меѓутоа во последните секунди домаќинот дојде до бод.
Премиерен погодок во дресот на „волчицата“ запиша Артем Довбик. Украинскиот напаѓач во 37. минута беше на вистинското место и погоди по одбиена топка за 0-1.
Во вториот дел за Рома дебитираше Марио Хермосо, додека на клупата остана Матс Хумелс. До последните секунди гостинот од Рим успеваше да ја задржи предноста, но тогаш капитулира во 96. минута. Тогаш по центаршут на Витиња со глава погоди стоперот Кони Де Винтер, за израмнување и бод на својата екипа.
Џенова котира подобро од ривалот со пет бода по четири рунди, додека Рома и натаму е без победа и има три ремија, со еден пораз.