Реал Мадрид се наоѓа во кризен период откако претрпе два тешки порази на „Сантијаго Бернабеу“ од Барселона (0-4) и Милан (1-3).
Темата околу мадриѓани и натаму е актуелна, а шпанскиот новинар Хозе Луис Санчез кој е тесно поврзан со клубот ги коментираше проблемите. Тој смета дека во Реал нема вистински лидер, односно човек кој ќе ги замени Карвахал, Начо и Крос во тимот.
„Во овој тим на Реал нема борбеност. Ми недостига на теренот да го слушнам викањето на Начо или Карвахал, да знам за контролата во соблекувалната која ја имаше Крос. Ги нема оние кои се подготвени да се борат. Нема промени во составот, никакви активности. Ваква игра е недостојна за европски првак. Уште еднаш се покажаа сите недостатоци на тимот кој се распадна под Карло Анчелоти“, е дел од коментарот на новинарот.
Двата порази во низа не се толку трагични колку што проблем е играта и односот на фудбалерите на теренот. Реал беше лесно надигран пред својата публика и тоа е причината за алармот.