Натпревар на сезоната за Вардар и Детонит Плачковица, а само победникот од бараж дуелот во Струмица следната сезона ќе игра во Првата македонска фудбалска лига.
Скопскиот тим доаѓа по тешка сезона во ПМФЛ. Кам-бекот во елитата за вардарци беше тежок и патот беше трнлив, а во втората полусезона успеаа да се извлечат и да напредуваат на табелата, барем да избегнат директна релегација. На моменти беа и безбедни, но на крајот избраниците на Горазд Михајлов паднаа на позицијата која води во бараж за опстанок во лигата.
Ривалот пак, Детонит од Радовиш имаше интересна сезона зад себе. Над сите очекувања оваа екипа беше најдобра во ВМФЛ по Беса и Пелистер. Долго време го држеа третото место, а и покрај серијата лоши резултати во финишот на сезоната Детонит имаше доволна бодовна предност.
Во меѓусебниот дуел, барем според реномето на играчите во тимот фаворитската улога му припаѓа на Вардар кој сака по секоја цена да опстане, но не смее да го потцени Детонит кој игра за историја. Се очекуваат полни трибини на стадионот „Младост“ во Струмица.
Скопските „Комити“ се мобилизираат и ќе бидат дванаесетти играч на Вардар, меѓутоа во Струмица ќе допатуваат и голем број привзаници на Детонит Плачковица од Радовиш. Средбата се игра во терминот од 17:00 часот, со што се спушта завеса на сезоната во македонскиот фудбал.