Иван Перишиќ синоќа го комплетираше трансферот во ПСВ Ајндховен, Хрватот по неславната авантура во Хајдук, ќе продолжи во холандското првенство.
Тој вели дека е изненаден што на крајот потпишал за ПСВ.
„Малку сум изненаден што завршив тука, но последните недели бев слободен играч и ја чекав најдобрата опција за мене и моето семејство“, рече Перишиќ.
„Сакам да играм за трофеи, тоа е мојот став. Секогаш сакам повеќе, играв во многу клубови и држави, сакам промени и сакам да победувам. Имав неколку понуди од Италија, Шпанија и Франција. Имав понуди и од арапските клубови, но сакам да играм за трофеи, а ПСВ е совршен за тоа“.
„Сакам да уживам во животот и фудбалот, тренирам напорно и сакам да играм што е можно повеќе натпревари. Имав тешка повреда минатата година, се вратив и заиграв неколку натпревари после тоа. Ми треба уште малку време да се прилагодам на новиот клуб, но подготвен сум“.
Перишиќ најчесто ги носел броевите 4, 14 и 44, но во ПСВ го одбра бројот 5.
„Зошто го земав бројот 5? Мојот омилен број е четири, но тој е зафатен, некој веќе го има… но бројот не е важен, петката ја земав бидејќи еден од моите идоли е Зинедин Зидан, тој број го носеше во Реал Мадрид“.