Офанзивниот фудбалер на Челси, Кол Палмер кој е Англичанец со најмногу голови во Премиерлигата оваа сезона, за националниот тим би можел да игра лев бек.
Левата бековска позиција во Англија веќе подолго време е проблематична, најчесто таму игра Трипие кој е десен бек. Тој не се најде на списокот за следните мечеви на Англичаните во Лигата на нации, а го нема ниту повредениот Лук Шоу.
Привремениот англиски селектор, Ли Карсли беше запрашан од новинарите дали има решение за левата бековска позиција, а тој откри дека идентификувал група на фудбалери кои можат да играат таму, а тие се Трент Александер-Арнолд, Букајо Сака и Кол Палмер.
Александер-Арнолд обично игра на десната страна, Сака игра десно офанзивно крило, но на почетокот од сениорската кариера има играно и како лев бек, па Англичаните не беа изненадени од овие две имиња, но дефинитивно реагираа кога беше споменат Кол Палмер кој досега играл само на офанзивните позиции.