Иако пред само два дена екипата на Јувентус го крена трофејот во Купот на Италија, откако во финалето на „Олимпико“ во Рим ја совлада Аталанта (0-1), веднаш потоа следеше отказ за тренерот Масимилијано Алегри.
Искусниот италијански стратег беше на излезните врати од клубот, меѓутоа во соопштението се наведува дека неговото непримерно однесување во финалето е причина за отказот. Алегри во финишот на мечот во Рим лудуваше и доби црвен картон, а потоа имаше жестока расправија со некој зад клупите на трибината. Токму тоа Јувентус го наведе како причина, иако долго се најавуваше дека тренерот заминува по крајот на сезоната, а има уште два натпревари.
Ова беше втора епизода на Макс Алегри како тренер на Јувентус. Прво работеше на клупата на „старата дама“ од 2014 до 2019 година освојувајќи многу трофеи, а потоа во 2021 се врати и до денес го водеше тимот.