Португалија со пресврт ја победи Шкотска со 2-1, а голот за три бода го даде Кристијано Роналдо, Лука Модриќ постигна прекрасен погодок од слободен удар за триумф на Хрватска против Полска од 1-0, Шпанија со 4-1 славеше на гостувањето кај Швајцарија.
Шкотска дојде до изненадувачко водство во Португалија уште во седмата минута кога Скот Мектоминеј погоди за 1-0.
Роналдо мечот го почна од клупата, во игра влезе на почетокот од второто полувреме.
По девет минути игра во вториот дел, Бруно Фернандеш го изедначи резултатот на 1-1.
Португалија долго се мачеше да дојде до пресврт, конечно тоа се случи во 88. минута кога по центаршут од Мендеш, Роналдо ја смести топката во мрежата на Шкотска за победа од 2-1.
Ова за Кристијано Роналдо беше 901. гол во кариерата.
Хрватска благодарение на прекрасен гол на Лука Модриќ од слободен удар во 52. минута дојде до победа од 1-0 над Полска.
Шпанија со 4-1 славеше на гостувањето кај Швајцарија иако долго време во натпреварот играше со фудбалер помалку.
Шпанците поведоа со 2-0 со голови на Хозелу во четвртата и Руиз во 13. минута од мечот. Но веќе во 20. минута останаа со играч помалку откако Ле Норман доби црвен картон откако фаулираше како последен играч во одбраната.
Во 41. минута Амдуни даде гол за Швајцарија која намали на 2-1 и собра надеж дека во вториот дел може да избегне пораз, но тоа не се случи.
Шпанија со играч помалку даде два гола во вториот дел, Фабиан Руиз погоди уште еднаш, а гол даде и Торес за конечни 4-1.