„Новиот Пеле“ така денес 40-годишниот Робињо го нарекуваа во тинејџерските денови. Но, иако имаше одлична кариера сепак не ги достигна височините кои му се предвидуваа, а најголема причина за тоа е неспортскиот живот кој го водеше низ кариерата.
Таквиот живот сега му носи големи проблеми бидејќи беше осуден на затворска казна од девет години поради силување на 22-годишна девојка во периодот додека го носеше дресот на Милан во Италија.
Откако Бразилецот беше затворен, сега почнаа да се појавуваат и детали од затворските денови на некогашната фудбалска ѕвезда. Казната Робињо ја издржува во затворот кој го носи прекарот „пекол на земјата“. Станува збор за затвор кој се наоѓа во државата Пернамбуко и најпренатрупаниот во земјата. Неговите капацитети се предвидени за 10.500 затвореници, но во овој момент таму казна служат над 30.000 затвореници.
Медиумите во Бразил денес објавија дека Робињо во затворот се снашол подобро од очекуваното и таму учи нов занает. Според информациите станал ТВ сервисер, односно поправал телевизори, радиоприемници и останати електрични уреди за домаќинство.
„Тивко работи и е незабележлив. Вистински пример, нема никаков проблем со останатите. Му дадоа и патики да може да игра фудбал кога е на ред времето за рекреација. Кога во прашање е занаетот одработи веќе 600 квалификациски часови. Тешко е да се каже дали ужива, но тоа му помага побрзо да му помине времето“, изјавил адвокатот на Робињо, Марио Росо Вале.