По победата на Белгија над Романија во оваа група добивме ситуација каква што никогаш претходно немало во историјата на Европските првенства.
Белгијците со головите на Јури Тилеманс и Кевин Де Брујн остварија заслужена победа со резултат 2:0 и тоа придонесе за неверојатна драма во последното коло.
Имено, никогаш во историјата не се случило сите четири екипи со еднаков број на бодови да влезат во последното коло од групната фаза. Во групата „Е“ е се отворено бидејќи сите четири репрезентации се со по три бода.
Во најтешка ситуација е Укрина која игра против фаворизираната Белгија и мора да победи бидејќи во спротивно би зависела од тоа како ќе заврши натпреварот помеѓу Романија и Словачка. Многу веројатно е дека од оваа група три селекции ќе поминат во следната фаза. Ќе потсетиме место во нокаут фазата обезбедуваат и најдобрите четири третопласирани репрезентации.
Ќе биде навистина интересно да се следат случувањата во оваа група во последното коло, но и во останатите бидејќи досега само три селекции (Германија, Шпанија и Португалија) го обезбедија осминафиналето.