Фудбалерите на Баерн Минхен не можат да се помират со поразот на Сантијаго Бернабеу, особено со грешката на судиите во последните моменти од натпреварот.
Баерн Минхен водеше до 87. минута и успеа да го загуби мечот од Реал Мадрид, кралскиот клуб со два гола на Хоселу направи пресврт и победи.
Во самиот финиш од мечот се случи спорен момент, судијата Марчињак свирна офсајд, не дозволи акцијата да заврши. Нејасно беше дали е офсајд, се чинеше дека веројатно не е, фудбалерите на Реал подзастанаа, Баерн даде гол, па Баварците со право беа бесни.
„Не сакам да речам дека Реал Мадрид секогаш добива помош од судиите, но таа грешка ја направи разликата денеска“, рече Матијс де Лихт по мечот.
„Кога мислите дека Реал Мадрид е мртов, тие се борат до последниот здив. Затоа имаат 14 титули во Лигата на шампионите“.
Бесен беше и Томас Милер, кој исто така не го криеше разочарувањето од судиската одлука.
„Доколку тоа не беше офсајд, тогаш ова е неверојатна одлука. Ова се случува често во Мадрид и ми се случило претходно со два гола на Кристијано Роналдо. Никој не може да го објасни ова“, вели Милер.