Француски Ремс објави дека на крајот од сезоната 31-годишниот тренер Вили Стил ќе го напушти клубот.
Стил на позицијата прв тренер на Ремс дојде во 2022 година и стана најмладиот тренер на некој од клубовите во топ пет првенства. Со Ремс имаше договор до крајот на идната сезона, но сега соработката се раскинува во договор на двете страни.
За првпат во Ремс дојде летото 2021 година и на почетокот имаше улога како помошен тренер. На почетокот на неговата ера Ремс мораше за секој натпревар да плаќа 25.000 евра казна бидејќи немаше преофесионална тренерска лиценца.
Од почетокот Стил со Ремс остваруваше многу добри резултати, а и во актуелната сезона успеа да ја исполни главната цел.
Во овој момент Ремс се наоѓа на 11. позиција и на три кола пред крајот математички го обезбеди опстанокот.
Засега точните причини за прекинувањето на соработката не се познати, како и што не е познато каде овој млад белгиски стратег ќе продолжи да работи.
Инаку кога е Стил во прашање тој кариерата ја започна благодарение на видео играта „Фудбал Менаџер“ така што своите успеси во виртуелниот свет ги испратил до повеќе клубови, а шанса се одлучил да му даде Сент Тројден од каде што дојде во Франција.