Капитенот на Барселона, Серхи Роберто повеќе не сака да чека и одлучил да го напушти каталонскиот гигант.
Оваа информација денеска ја пренесуваат повеќе извори од Каталонија кои додаваат дека Роберто практично е слободен од 1. јули, но сакал да почека да види дали ќе добие договор на една година. Тоа скоро и да беше договорено додека Чави го водеше тимот, меѓутоа работите се променија со пристигнувањето на Ханси Флик.
Роберто одлучил по 20-тина дена чекање да се откаже од потенцијалните преговори и да ја избере својата наредна дестинација. Интерес веќе покажале Валенсија и Севиља, но наводно тој гледа кон Премиер лигата.
Иако има 32 години, Роберто верува дека може да одигра уште некоја сезона на највисоко ниво. Навивачите од друга страна се незадоволни поради односот кон играч кој целата своја кариера ја помина во клубот, а дебитираше под водство на Пеп Гвардиола во 2011 година. Претходно беше дел од младинските категории.