Фудбалскиот клуб Струга Трим Љум на само три кола пред крајот на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и среде трка за титулата се реши за тренерска смена.
Шпетим Дуро повеќе не е предводник на македонскиот првак и тим кој треба да го брани тронот. Според соопштението на Струга, соработката е прекината по взаемен договор. Дуро го презеде клубот минатиот март и ја освои ланската титула, историска за стружани, а потоа играше и во евро-квалификациите.
Со уште три кола за играње во ПМФЛ, Струга е на делба на лидерското место со Шкендија и Шкупи со по 58 бода. Сепак, шампионот е во најлоша форма бидејќи запиша три порази на последните пет меча (два во низа). Во завршните три рунди од шампионатот водечкото трио игра меѓусебе и битката за трофејот ќе биде тешка.