Миовски: Сакам да бидам голгетер и носител во македонската репрезентација

by riste
2 минути читање

Бојан Миовски кој е еден од нашите фудбалери кои се во најдобра форма, смета дека треба да дадеме рано гол на гостувањето кај Фарски острови за да имаме полесен натпревар.

Македонија во сабота ја почнува новата сезона од Лига на нации, а на стартот гостуваме кај Фарски острови.

„Во изминатиот период имаше пријателски натпревари и потешки мечеви во квалификациите за кои велевме дека се дуели за да се воигруваме, тој момент завршува, сега ни се важни бодовите и да се квалификуваме на едно големо натпреварување. Во одлична група сме, фаворити сме и тоа треба да го покажеме на терен“, вели Миовски.

„Мислам дека сите сме подготвени, од прв до последен и се надеваме дека ќе почнеме со три бода. Фарски острови важат за аутсајдер, но тоа е противник кој мора многу сериозно да го сфатиме и од првата минута да бидеме на висината на задачата“.

„Имаме стратегија која ја прави селекторот и ќе се обидеме да играме тимски и кој е во подобра позиција да биде проигран и да го отвориме резултатот колку што е можно побрзо. Доколку не дадеме гол брзо ќе биде тешко за нас, но се надевам дека тоа нема да биде така, се надевам дека рано ќе дадеме гол и ќе биде полесно“.

Миовски вели дека нема притисок, секогаш е мотивиран да дава голови, се надева дека тие наскоро ќе дојдат и за репрезентацијата, а во иднина цели да биде еден од лидерите во националниот тим.

„Никогаш немам притисок, ги знам моите квалитети од многу поодамна, мотивација ми е да давам голови и за клуб и за репрезентација, секогаш кога сум на терен давам 100 проценти, па мислам дека ќе дојдат и головите“.

„Играм во топ три лиги во светот и секако дека тоа е големо достигнување. Го бирав секој чекор внимателно каде ќе играм и каде ќе се надоградувам како играч и нормално дека ми е чест што оваа сезона ќе играм во Лигата на шампионите и тоа искуство сакам да го искористам и да се наметнам како носител во иднина и да бидам голгетер“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани