Фудбалската репрезентација на Македонија вчера отпатува во Чешка, каде што во градот Храдец Кралове ќе се судри со оваа селекција во рамките на пријателски натпревар.
Ден пред мечот на прес-конференцијата своите очекувања ги изнесе македонскиот селектор Благоја Милевски.
„За два-три дена не може многу да се подобри во овој дел од сезоната на физички план. Работевме на другите сегменти. Задоволен сум што сите тука се здрави и подготвени да се стават во функција на тимот. Повеќе околу составот ќе знам после официјалниот тренинг тука. Кога сте член на едно Европско, тоа е доволен догказ за квалитетот. Чешка покажа дека е и тоа како е квалитетна репрезентација составена од играчи кои настапуваат во Премиер лигата, во Бундеслигата во Серија А… Имаат и голем број домашни фудбалери, бидејќи имаат квалитетна лига која им е база на репрезентацијата. Тие се сосема поинаков ривал од Хрватска, меѓутоа со огромен квалитет. Неслучајно тие се на Европско првенство, а ние сме уверени дека како тим можеме да напредуваме од ваквите натпревари со поквалитетни ривали од нас, да ја видиме моменталната форма и да добиеме слика за нашите квалитети и домет во моментот. Некои моменти од дуелот со Хрватска не бев задоволен, особено од вториот дел. Мора да ги минимизираме пропустите, тие аномалии се појавуваат во системот, а тука физичката подготовка е фактор број еден за да бидете конкурентен 90 минути. На нас е да извадиме максимум во овој период, заморот е присутен, но и проблемите на играчите во клубовите. Сето тоа на страна, подготвени сме да дадеме максимум“, изјави Милевски.
Во јунскиот циклус Македонија беше поразена од Хрватска (3-0) како гостин. Сега одново момците на Милевски ги очекува тешка задача против уште една квалитетна репрезентација.