Фудбалскиот клуб Милан беше пред целосен договор за трансфер на Џошуа Зиркзе, но тогаш неговиот агент Киа Јорбачиан ги искомплицира работите барајќи провизија од дури 15 милиони евра.
Сè беше договорено меѓу „росонерите“ и холандскиот напаѓач, петгодишна соработка вредна четири милиони евра по сезона, но ситуацијата драстично се промени. Агентот на играчот не попушта за својата провизија, а преговорите ги блокираше неочекуваниот повик за Зиркзе да отпатува на Европското првенство со Холандија.
Поради тоа и Милан не стои „мирно“, па ги разгледува алтернативите доколку не успее со Зиркзе. Клаузулата во Болоња од 40 милиони евра станува активна на 1 јули и се очекува по крајот на турнирот за Холандија, да падне одлука околу фудбалерот.
Ако не успее со Зиркзе, Милан има три алтернативи. Се споменува Ромелу Лукаку кој е на излезните врати од Челзи, но клубот сака да го продаде за нешто под 40 милиони евра. Одамна постои интерес и за Артем Довбик од Жирона, кој беше „златна копачка“ на Ла Лига и исто така има откупна клаузула од 40 милиони. Тука некаде е и Сантиаго Хименез кој блескаше во Феенорд.