Килијан Мбапе имаше идеално деби за Реал Мадрид откако беше стрелец во победата од 2-0 над Аталанта во УЕФА Суперкупот кој се играше во Варшава.
Мбапе беше стартер на мечот, Французинот брзо се вклопи во играта, а во текот на второто полувреме постигна и гол.
„Прекрасна ноќ…Чекав долго на овој момент и вечерва конечно заиграв за овој клуб, постигнав гол и освоивме трофеј. Освојувањето трофеи секогаш е важно кога играте за Реал. Секако, убаво е и чувството кога ќе постигнете гол“, изјави Мбапе.
Новинарите ги интересираше и дали има замисла колку голови би постигнал сезонава.
„Ова е Реал Мадрид и тука нема лимити. Ако треба ќе постигнам и 50 голови, најважното е да победуваме како тим. Простор за напредок секогаш има, како кај сите така и кај мене. Одиме напред и верувам головите и победите нема да изостанат“, истакна Французинот.
Следниот официјален меч за Реал Мадрид е во недела кога кралскиот клуб гостува кај Мајорка во првото коло од Ла Лига.