Македонската фудбалска репрезентација вечерва со почеток од 19 часот во Риека, гостува на селекцијата на Хрватска во пријателски натпревар.
Пред избраниците на Благоја Милевски се два пријателски предизвици, првиот е веќе вечерва против селекцијата на Хрватска, а следниот е седум дена подоцна против Чешка.
Македонија вечерва ќе ја „глуми“ Албанија. Хрватите сметаат дека ние и Албанците имаме сличен стил на игра, па против нас ќе ја пробуваат тактиката која ќе ја применат на Европското првенство против Албанија.
„Ние го замислувавме овој противник со сличен стил како Албанија, и го гледаме како подготовка за тој натпревар од ЕВРОП 2024. Планираме да одиграме напаѓачки против Албанија, со повеќе напаѓачи, па ќе гледаме и сега да играме така“, рече хрватскиот селектор Златко Далиќ.
Хрватите ќе настапат во променлив состав, Далиќ нема да може да смета на најголемата ѕвезда, Лука Модриќ кој во саботата ја освои Лигата на шампионите со Реал Мадрид.
Нашиот селектор, Благоја Милевски вели дека во овие два меча шанса ќе им даде на сите повикани. Ова за нас се подготовки за квалификациите кои почнуваат од септември.
„Очекувам еден добар натпревар, кога имате меч против селекција која според мене е топ-5 во светот, со сребро и бронза на последните првенства, со квалитет индивидуален и тимски, ни останува само да уживаме во мечот и да видиме како тим до каде сме. Сакаме да ги провериме сите играчи, за да видиме на кого можеме да сметаме во иднина. Императив е да видиме до каде сме, во која насока и што треба да поправиме пред септемврискиот циклус“, рече Милевски.
За Македонија и Хрватска ова ќе биде девети меѓусебен натпревар, трет пријателски. Досега ние сме победиле еднаш, Хрватите триумфирале петтпати, два натпревари завршиле нерешено.