Во интервју за клупската страна, спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев зборува за лошата претходна сезона и за амбициите во втората лига.
Тој вели дека Брегалница лани имала најдобар буџет во својата историја, но лошиот избор на засилувања си го направиле своето.
„Сметам дека причините се евидентни. Лошиот избор на засилувања и хемијата меѓу играчите и стручниот штаб се според мене главната причина, т.е проблемот беше само фудалски и ништо друго. Брегалница лани имаше рекордно највисок буџет во историјата, а резултатите беа катастрофални. Газдата на клубот лани даде се од себе, вложи повеќе од ветеното, а се случи најлошото можно сценарио“, вели Тонев.
За Никола Тонев ова е враќање во Брегалница, тој има јасен план како клубот треба да функционира во иднина.
„Мојата филозофија е костурот на екипата да се прави од млади и тие да бидат носители на играта. И претходно, кога бев во клубот, од Брегалница излегоа Иван Николов, Давид Денковски, Јован Манев, Михаил Димитриевски, играчи кои беа носители (и капитени) на младинската репрезентација на Македонија. Подоцна, тие готови играчи прават успешни трансфери и клубот функционира на тој начин. За жал, претходната (неуспешна) сезона, Брегалница функционираше комплетно поинаку“.
„Направивме добар траснфер пазар, покриени сме на секоја позиција. Целите и желбите се јасни, но ќе одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, со сериозен пристап и со квалитетна и длабинска анализа на секој противник“.