Екипата на Лацио во денешниот натпревар во рамките од 36. коло во Серија А славеше победа од 2:0 против Емполи со која си го обезбеди пласманот во Лигата на Европа, но сега клубот од Рим ќе се обиде да дојде и до Лигата на шампионите.
Резултатот во натпреварот беше отворен во самата завршница од првото полувреме кога Патрик ја погоди мрежата на гостите.
Второто полувреме донесе игра со малку прилики за гол, а тоа му одговараше на Лацио кој успеа во финишот да постигне и уште еден гол за конечни 2:0. Стрелец на овој погодок беше Весино.
Со овие три бода Лацио дојде до 59 и го осигура настапот во Лигата на Европа бидејќи Наполи на осмата има 51.
Сепак избраниците на Игор Тудор сигурно ќе се обидат да дојдат и до место во Лигата на шампионите, иако тоа нема да биде лесно. Аталанта која е на петтата позиција која води во најелитното европско натпреварување има бод повеќе, но и два натпревари помалку.