Реал Мадрид и Бетис одиграа натпревар без победник и погодоци (0-0), во последното коло на шпанската Ла Лига. Сепак, резултатот и во Мадрид не беше во прв план. Јасно беше дека мадриѓани убедливо се првак, а Бетис оди во Конфернциската лига.
Натпреварот на „Сантијаго Бернабеу“ мина во знакот на германската легенда Тони Крос. Навивачите направија посебна кореографија, а тој при влегувањето на терен со капитенската лента доби „шпалир“ од своите соиграчи.
Самиот натпревар не понуди премногу, екипите не беа многу мотивирани, а Реал дополнително чуваше сили за финалето во Лигата на шампионите. Единствен гол успеа да даде Џони Кардосо, меѓутоа ВАР собата го поништи поради офсајд позиција. Мечот на крајот заврши со почетниот резултат.
Тони Крос беше повлечен од игра во 87. минута, а тогаш доби овации од цел стадион. Семејството на Германецот беше во солзи и сцените беа навистина емотивни.
Последен пат Крос ќе настапи за Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд, а ова му беше последен домашен меч. По клупските обврски тој ќе биде дел од репрезентацијата на Германија на Европското првенство, а потоа оди во целосна пензија.