На изненадување на многумина, Баерн Минхен клупата му ја довери на Винсент Компани. 38-годишниот Белгиец кој доаѓа од Барнли и до неодамна беше тренер на Дарко Чурлинов сега е пред најголемиот предизвик во својата кариера.
Ден по официјалната промоција, Компани зборуваше на прес-конференција по повод неговиот ангажман.
„Сакам играчите на Баерн да бидат храбри на топка, да имаат свој карактер. Тимот мора секогаш да биде агресивен, да ги поседува тие две работи. Се надевам дека тој спој ќе нè краси во секоја минута од натпреварите, секогаш. Од моја страна работите се многу едноставни. Според тоа како тренирате, таква личност сте. Да бидете тренер ви ја одзема секоја секунда од денот. Растев по улиците на Брисел, бев во академијата на Андерлехт каде што од шестата година ве учат дека мора да освоите сè“, изјави Компани.
Сите фудбалери на Баерн Минхен ги завршија клупските обврски за оваа сезона, а голем дел од нив се со своите репрезентации на Европското првенство. Првиот тренинг Компани со целосен состав би требало да го има некаде во втората половина на јули, а оние кои не играа на континенталниот собир можеби ќе бидат свикани и порано.