Федерико Киеза по четири години го напушти Јувентус и за сума од само 12 милиони евра се пресели во Ливерпул.
Фудбалерот кој своевремено беше доведен на двегодишна позајмица од 12,6 милиони, а две години подоцна беше откупен за 44,6 милиони евра, сега ефтино замина од Торино. Киеза своевремено беше еден од најдобрите италијански играчи. Сепак, повредите си го направија своето и тој имаше турбулентен период зад себе.
Едно време се зборуваше дека тој е пред потпис на нов договор, а потоа по доаѓањето Тиаго Мота го „прецрта“ од тимот и не сметаше на него. Токму на таа тема зборуваше Киеза кој ја образложи ситуацијата.
„Би сакал да ја објаснам ситуацијата за потенцијалното продолжување на договорот со Јувентус. Никогаш не добив официјална понуда од страна на клубот. Еден ден само бев известен дека повеќе не сум дел од проектот. Тоа беше дури пред стартот на подготовките за новата сезона“, изјави Киеза.
Во Ливерпул италијанскиот крилен фудбалер стави потпис на четиригодишен договор.