Српскиот репрезентативец Душан Влаховиќ повторно се најде на удар на италијанските медиуми откако синоќа не успеа да постигне гол во дербито против Наполи.
Мечот заврши 0-0, а тоа беше трет натпревар по ред во Серија А и вкупно четврти, сметајќи го и дуелот против ПСВ во Лигата на шампионите на кој напаѓачот не успеа да ја затресе противничката мрежа. Поради својот перформанс, Влаховиќ беше повлечен од игра на крајот од првото полувреме, а статистиката откри дека во воведните 45 минути имал само шест контакти со топката. Поради тоа доби жестоки критики од новинарите, па мораше да го брани тренерот Тијаго Мота.
„Многу работи во играта на Влаховиќ зависат од соиграчите, тие треба да го разиграат. Јас немам протокол за измени, работам на чувства и некогаш погодувам, некогаш не. Задоволен сум од Влаховиќ“, изјави Мота.
Србинот не постигнал гол од 26 август кога против Верона два пати се запиша во листата на стрелците. Тоа се и негови единствени голови во досегашниот дел од сезоната.