Младата репрезентација на Италија го освои трофејот на Европското првенство за фудбалери до 17 години.
„Аѕурите“ во финалето беа апсолутно подобри од Португалците и со убедливи 3-0 (2-0) дојдоа до трофејот. Резултатот беше отворен по седум минути игра преку Федерико Колета. Веќе во 16. минута на 2-0 зголеми Франческо Камарда, а младиот напаѓач на Милан го постави конечниот резултат на стартот на второто полувреме.
Освојувањето на трофејот на континенталниот собир за Италија значи доста. Во овој момент „аѕурите“ се европски прваци во три категории: сениорите го освоија ЕУРО 2020 и ќе го бранат трофејот во Германија, минатата година Италија У19 ја покори Европа, а сега тоа го направи и селекцијата до 17 години.
Вреди да се напомене и дека Италија У20 беше финалист на Светското првенство минатата година.