Фудбалерите на Црвена Звезда покажаа кој е главен во српскиот фудбал и со убедливи 0-4 го декласираа Партизан во рамките на Суперлигата.
Ова беше историски триумф за „црвено-белите“ во вечното српско дерби бидејќи никогаш досега вака убедливо не славеле против лутиот ривал на неговиот терен. Исто така, со постигнат хет-трик Чериф Ндијае стана само петти фудбалер со таков подвиг во кариерата. Тоа е нешто што цели 56 години не го направил ниту еден фудбалер во вечното дерби.
Ниту „Д“ од дерби немаше на „Стадионот на Партизан“, бидејќи гостинот демонстрира дека е друга димензија во овој момент. Резултатот го отвори Ндијае од пенал во 24 минута, а потоа во третата дополнителна минута Силас зголеми на 0-2.
Во вториот дел со погодоците во 55 и 65 минута Чериф Ндијае го комплетира својот хет-трик, зголемувајќи ја победата на својот тим.
На дербито во Србија му недостигаше и домашната навивачка група, бидејќи Партизан веќе долго време ја нема поддршката на „Гробари“ кога игра на домашен терен, а тоа е протест кон клупската управа. Така во Белград се слушаше само песната на „Делии“ чии миленици убедливо победија.