Најдобриот стрелец во македонскиот фудбал Бесарт Ибраими се врати во Шкендија по две сезони минати во Струга.
Ибраими по три години пак ќе настапува за тетовските „црвено-црни“. Тој за клупскиот сајт зборуваше по враќањето и нагласи дека е пресреќен.
„Многу сум среќен бидејќи ги минав најдобрите моменти во кариерата во Шкендија. Исполнет сум, благодарен на Бог. Исто така благодарам до сопственикот навивачите и Тетово. Го чувствувам овој град како дом, како семејство. Ќе уживам помагајќи ѝ на Шкендија. Градот и навивачите заслужуваат многу повеќе од успесите во претходните години. Ќе се обидам да помогнам во остварувањето на целите и на крај да славиме трофеј“, изјави Ибраими.
Бесарт Ибраими има преку 200 настапи за Шкендија, а на нив запиша 126 официјални погодоци. За клубот настапуваше од 2015 до 2021.
Инаку, во кариерата Бесарт Ибраими беше дел од Напредок, Велазерими, Ренова, Шкендија и Струга во Македонија. Во странство настапуваше за Ксанти, Ермис, Енозис, Металург Запорожје, Таврија, Севастопол и Шалке.