Фудбалерите на Барселона дојдоа до огромна победа во првото „Ел Класико“ оваа сезона, на теренот на Реал Мадрид со убедливи 0-4 (0-0).
Средбата на „Сантијаго Бернабеу“ понуди две отворени полувремиња, Барселона беше подисциплинирана и во првиот дел не ризикуваше, а потоа ги искористи своите шанси за висок триумф во Мадрид.
Реал отвори поофанзивно, меѓутоа промаши неколку шанси. Најголемата закана не ја искористи Винициус Жуниор кој направи слалом по левата страна, излета пред голот на Пења и биеше катастрофално крај голот. Имаше Реал и поништен гол во 30 минута преку Килиан Мбапе. Француската ѕвезда тогаш дури шести пат се најде во недозволена позиција, бидејќи одлично функционираше одбраната на каталонскиот тим.
Ги „исчека“ Барселона нападите на ривалот и во второто полувреме тргна во своја офанзива. Роберт Левандовски се истакна бидејќи во 54 и 56 минута постигна два брзи гола. Првиот дојде по проигрување од Касадо низ средината, добро исрча и пласира во мрежата за 0-1. Вториот беше по асистенција од Балде со центаршут, а Левандовски со глава стрела за удвојување на предноста. Имаше полскиот голгетер уште една огромна шанса, дојде во неверојатна позиција пред голот и биеше во стативата.
Реал како да се распадна по двата примени гола, па бргу дојде и трет. Брза контра тргна по средината, Левандовски го пронајде Рафиња, а овој му асистира на Ламин Јамал кој откосо погоди за 0-3. Ниту тука не беше крајот, бидејќи меѓу стрелците се запиша и Рафиња кој во 84 минута го постави конечниот резултат.
По оваа победа Барселона се одлепи на шест бода на врвот во Ла Лига и сега има 30, додека Реал Мадрид остана на 24.