Денеска ќе биде комплетирана осминафиналната фаза на Европското првенство, Холандија ќе треба да ја оправда улогата на фаворит против Романија, а импресивната Австрија за противник ја има Турција.
18:00 Романија – Холандија
Денот почнува од 18 часот кога на мегдан ќе излезат Холандија и Романија. Холанѓаните се сериозен фаворит во овој меч, но на ова ЕП веќе видовме како големите селекции се мачат.
Игрите на Словачка и Словенија, може да послужат како инспирација за Романија која веќе покажа квалитет на ова Европско првенство.
Холанѓаните не импресионираа, но ја одработија групната фаза со посакуваната цел. Сега за нив почнува вистинското, веќе немаат шанса за поправен.
21:00 Австрија – Турција
Австрија која најмногу се покажа токму против Холандија победувајќи ја со 3-1, ќе игра против Турција во вечерниот термин. Тоа ќе биде последната осминафинална средба на првенството.
Турција има перспективен состав, Арда Ѓулер покажа дека може да решава натпревари и покрај неговата младост, а во составот има и искуство како Чалханоглу.
Австрија предводена од Рангник игра допадлив, атрактивен фудбал и освои многу неутрални фанови. Тие важат за благ фаворит во денешната пресметка по која ќе се знаат сите четвртфинални двојки.