Денеска на ЕП: Дербито е меѓу Турција и Португалија, Белгија игра меч „да се биде или не“

by 24 фудбал
2 минути читање

Деветтиот натпреварувачки ден на Европското првенство одново носи три натпревари и возбудувања во три термини кои го полнат целото попладне. Се играат двата натпревари од второто коло на групата Ф, а во центарот на вниманието ќе биде пресметката на Турците и Португалците. Вечерниот термин е резервиран за Белгијците кои мора да го „спасуваат“ турнирот.

15:00 Грузија – Чешка

Дебитантот на Европските првенства одигра навистина храбро и солидно се претстави на големата сцена. Грузијците немаа среќа и загубија од расположената Турција со 3-1, меѓутоа оставија сериозно добар впечаток. Слично одиграа и Чесите кои поставија неверојатен бедем пред својот гол, а бод против Португалците испуштија во судиското надополнување. Сега е време за дуелот на поразените од првата рунда, селекции кои повеќе немаат право на кикс. Чешка важи за голем фаворит на овој меч, меѓутоа нема сомнеж дека Квича и соиграчите ќе пружат солиден отпор.

18:00 Турција – Португалија

Веројатно најинтересниот дуел на денешната програма ќе биде во вториот термин. Португалија има улога на фаворит, меѓутоа Турците покажаа навистина допадлива игра во првото коло. И покрај многуте проблеми избраниците на Монтела предводени од младите сили во офанзивата на чело со Арда Ѓулер се презентираа добро во премиерниот меч на Европско првенство. Кога ќе се земе в предвид и фактот дека Португалците не се прикажаа во најсветлото издание, тоа дава ветување за уште еден одличен натпревар во кој апсолутно сè е можно. Кристијано Роналдо сè уште ја има гладта за успех, а тоа го докажа против Чесите и ќе продолжи да го докажува додека Португалија игра на турнирот.

21:00 Белгија – Романија

По шокантниот пораз на Белгија на стартот на турнирот во Германија, сега повеќе нема простор за грешка. Иако овој формат на Европското првенство дава шанса за влез понатаму со само три бода, сепак „ѓаволите“ не смеат да си дозволат повеќе ризици. Романците во првото коло неочекувано убедливо ја победија Украина (3-0), а Белгијците загубија минимално од Словачка (1-0). Во текот на вчерашниот ден Украинците славеа над Словаците (1-2), а тоа направи вистински хаос во групата. Доколку Белгија ја победи Романија, во последното коло сите четири репрезентации во групата Е би влегле со по три бода.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани