Репрезентациите на Германија и Франција славеа во дерби пресметките во рамките на А сегментот во Лигата на нациите.
Германците на свој терен на „Алианц Арена“ беа подобри минимално од Холандија со 1-0, победа со која зачекорија кон обезбедување на првото место во групата. Херој на домашната селекција во Минхен беше младиот дебитант Џејмс Левелинг. Крилото на Штутгарт прво имаше поништен гол во втората минута, а потоа погоди повторно во 63, гол кој се испостави како победоносен.
Франција пак се радуваше на гости кај Белгија со 1-2 (1-1) со двата гола на Рандал Коло Муани. Белгијците имаа шанса да поведат, но пенал не реализира Тилеманс. Сигурен на спротивната страна беше Коло Муани во 35 минута за 0-1, а израмнување донесе Луис Опенда во финишот на полувремето. Французите имаа поништен гол по еден час игра, а потоа Коло Муани со глава донесе ново водство (1-2). До крајот Чуамени доби црвен картон, па гостите се одбранија со десетмина.
Сигурна победа забележа Италија во дуелот со Израел (4-1) и го задржа врвот во групата 2. Резултатот на „Фриули“ го отвори Матео Ретеги со гол од пенал во 41 минута, потоа Ди Лоренцо зголеми на 2-0, а Абу Фани ја врати надежта на Израелците. Сепак, италијанскиот одговор дојде во видот на уште два гола преку Фратези и Ди Лоренцо за конечен убедлив триумф.
Се одиграа и натпревари од Лигите Б и Ц, а таму Турците победија на Исланд (2-4), Украина и Чешка го поделија пленот (1-1), Велс минимално слави со Црна Гора (1-0) и Шведска беше поуспешна од Естонија (0-3).