Фудбалерите на Вардар успеаја да опстанат во ПМФЛ, откако го добија бараж натпреварот против Детонит Плачковица со 2-0. Натпреварот во Струмица беше вистински празник на фудбалот, во одлична атмосфера и одлично пополните трибини.
Овој дуел беше последен во вардаровиот дрес за бекот Дарко Глишиќ. 32-годишникот кој е дете на Вардар ја завршува својата трета епизода во клубот. Тоа многу емотивно влијаеше на самиот Глишиќ, кој не успеа да ги задржи солзите. Глишиќ доби аплаузи и овации на голема сцена, поздрав од навивачката група „Комити“ и достојно простување од вардаровиот дрес.
Засега непознато е каде ќе ја продолжи својата кариера, а Глишиќ зад себе има завидно портфолио. Тој играше за босански Олимпик, Динамо Тбилиси, Септември Софија, Арда Караџзали и Докса во странство, како и Вардар, Скопје, Напредок, Тетекс и Шкипу во Македонија.