Денеска во финалето од ФА Купот кое се игра на „Вембли“ ќе го гледаме дербито на градските ривали, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед. Ова ќе биде и реприза на минатогодишното финале во кое избраниците на Пеп Гвардиола славеа победа со 2:1.
Во ова време минатата година Манчестер Сити чекореше кон историската тројна круна, додека оваа сезона не успеаа да дојдат до финалето во Лигата на шампионите каде што беа елиминирани од Реал Мадрид. Во Премиер лигата ја одбранија титулата, па така имаат прилика за двојна круна.
Нема дилеми дека Манчестер Сити со оглед на формата на тимовите влегува како фаворит, но за Јунајтед ова ќе биде 22. финале во ФА Купот и има повеќе од било кој друг тим во историјата на натпреварувањето. Сезоната Јунајтед ја заврши на разочарувачкото осмо место на табелата, па така мораат да победат ако сакаат да обезбедат излез во Европа.
Пред финалето во англиските медиуми се појави информација дека без разлика на исходот Тен Хаг ќе биде смеент по денешниот натпревар. Во меѓусебните дуели Манчестер Сити сезонава двапати го победуваше Јунајтед со 3:0 и 3:1 и сега очекуваат тоа да го направат по третпат.
Натпреварот се игра во терминот од 16:00 часот.