Васоски: Струга е кандидат за титула, но нешто ќе се прашува и Силекс

by Стефан
2 минути читање

Eкипата Силекс викендов ја очекува тежок натпревар против шампионот Струга Трим Љум во рамките од 10. коло.

Пред овој натпревар за клупските социјални мрежи изјава даде тренерот Александар Васоски.

Исполнети, ајде да кажам дека имавме еден позитивен старт, меѓутоа секако дека можевме уште повеќе. По мене, недостасуваа два до три бода на некои натпревари каде што бевме подобар противник. Мислам дека кога ќе земеме во глобала, можам да кажам дека беше успешен досегашниот дел од првенството.

Статистички Силекс има втора најдобра одбрана во лигата.

Радува фактот што екипата е доста компактна. Имаме одбрана, а кога мислам на одбрана не мислам само на голманот и последната линија, туку мислам на целиот колектив кој одлично се брани. Она што треба да го поправиме, тоа е секако концентрацијата пред противничкиот гол поготово во последната третина на теренот каде што шансите мора помирно да ги завршуваме. Пример, на натпреварот со Вардар каде што промашивме неколку зицери, на крај сепак победивме, меѓутоа пред тоа промашивме зицери. Исто и во натпреварот со Тиквеш каде што имавме три-четири одлични шанси. Мора да го подобриме тој дел од играта, шансите мора да ги завршуваме.

Силекс го подобри учинокот на последните три гостувања, по двата гостински порази во првите три кола, на следните три забележа две победи и едно реми.

– Струга е кандидат за титула. Секако дека имаме шанси и Силекс ќе се прашува на тој натпревар, бидејќи како што пишавте, последните три натпревари на гостински терен даваат надеж дека екипата го разби тој комплекс од гостински терен и мислам дека имаме свои адути за да дојдеме до позитивен резултат против Струга ТЛ. Секако, кога мислам на позитивен резултат, мислам на победа, така да апсолутно максимално сме спремни и гориме од желба да покажеме добра игра со Струга.

Натпреварот помеѓу Силекс и Струга како и останатите од ова коло ќе се игра в недела од 14:00 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани