По разочарувачкото издание во првото коло кога одиграа без голови против Костарика, ноќеска Бразилците го совладаа Парагвај со 4-1. Убедлива беше и Колумбија која со 3-0 славеше над Костарика.
Бразил тргна фуриозно уште од првата минута, но не искористи неколку шанси. Во 31. минута имаа голема прилика од пенал, сепак Пакета не реализираше.
Четири минути подоцна Винисиус даде гол за водство на Бразил од 1-0.
Во 43. минута Савио зголеми на 2-0, но тоа не беше се во првиот дел, во судиското продолжение Винисиус даде уште еден гол за 3-0.
По само три минути игра во второто полувреме Алдерете го намали резултатот на 3-1 и донесе некаква надеж за Парагвај дека може да се врати во мечот.
Но, таквата надеж згасна во 65. минута кога Пакета овојпат погоди од пенал и ги постави конечните 4-1.
Убедлив триумф забележа и Колумбија која со 3-0 беше подобра од Костарика.
Резултатот беше отворен во 31. минута од пенал, а реализатор беше Луис Дијаз. Со предност од 1-0 за Колумбија се замина на одморот.
Во 59. минута Санчез зголеми на 2-0, а три минути подоцна Кордоба ги постави конечните 3-0.