Фудбалерите на Белгија одиграа колку што им беше потребно, ремизираа со Украина (0-0) и со тоа преку второто место во групата Е се пласираа во осминафиналето на Европското првенство.
Она што падна во очи беше начинот на игра во завршницата. Белгијците не сакаа да нападнат победа, напротив само го трошеа времето за да си ја завршат минималната цел. На крајот дури Де Брујне и Бакајоко на корнер ја „градеа“ топката за да задржат време, а тоа ги налути навивачите. Трибината со белгиски навивачи ги почести со жестоки свирежи по крајот на мечот.
„Искрено, изненаден сум од свирежите на навивачите. Не очекував такво нешто. Ја остваривме целта со пласманот во следната фаза. По поразот во првото коло не ни беше лесно, ама успеавме да се кренеме и да освоиме четири бода. Играчите се исто така шокирани, не разбираат зошто добија свирежи од навивачите. Неопходна ни е поддршка, потребни ни се навивачите. Украина беше тежок ривал, се обидовме да дадеме гол и не успеавме, ама се пласиравме во осминафиналето“, изјави Тедеско.
Белгискиот селектор беше во шок поради свирежите, бидејќи веројатно за него не беше ништо страшно да се одигра така затворено и резервирано во завршницата.