Белгија на 6. септември треба да го пречека Израел во натпревар од Лигата на нации, но ниту еден град не се нафаќа да биде домаќин, па мечот ќе се игра во странство.
Фудбалската федерација на Белгија се соочи со проблем за мечот со Израел, ниту еден град во земјата кој има услови за одигрување на натпреварот, не сака да биде домаќин.
Причината е политичката чуствителност поради војната во Газа, па потребни се големи сигурносни мерки за да се организира меч на кој ќе игра Израел.
Белгиската федерација се консултирала и со УЕФА за алтернативна локација, фаворит е Унгарија.
Меѓу градовите кои одбија да бидат домаќини се Лиеж, Брисел, Лувен, Антверпен и Бриж.
„Со оглед на драматичната ситуација во Газа и геополитичкиот шок кој се случува, натпреварот нема да се игра во Брисел поради сигурност на посетителите, играчите и граѓаните. Натпреварот носи неразмерна опасност, дури и ако се одигра зад затворени врати“, изјавија од градот Брисел, а слични се ставовите и на останатите градови кои одбија.
И покрај случувањата во Газа, УЕФА не го суспендираше Израел од натпреварувањата, па репрезентациите кои играат со оваа земја се наоѓаат во проблеми за да ги организираат мечевите.