Марио Балотели преку социјалните медиуми го кажа својот став за последните шпекулации околу неговата иднина.
Балотели е слободен фудбалер откако му заврши договорот со Адана Демирспор во јуни. Тој се поврзуваше со Палермо откако стигнаа информации дека бил одбиен од индискиот клуб, Керала Бластерс поради дисциплински причини.
Контроверзниот напаѓач ги прокоментира последните шпекулации и рече дека напорно тренира и го чека вистинскиот проект.
„Приметив дека се појавуваат многу работи за мене во последно време кои се измислени. Единствената работа која ја правам е тоа што работам напорно, тренирам за да бидам подготвен да играм каде и да е тоа“, вели Балотели.
„Наскоро ќе појаснам се. Најважната работа за мене е да продолжам да работам и да бидам спокоен. Добив неколку понуди и го барам најдобриот проект за мене. Весниците, клубовите и луѓето може да продолжат да зборуваат глупости за мене од време на време“.