Фудбалерите на Арсенал се радуваа во мечот со Борнмут (3-0), во рамките на 36. коло на англиската Премиер лига. Средбата на „Емирати“ понуди одлична партија за избраниците на Микел Артета, кои иако во првиот дел се мачеа со реализацијата, на крајот убедливо победија.
Првото полувреме го одбележаа спорни моменти, откако прво Рајан Кристи стартува остро врз Букајо Сака и не доби ниту жолт картон, а потоа судијата досуди пенал за Арсенал поради минимален контакт на Каи Хаверц со противничкиот голман. Сигурен егзекутор на најстрогата казна беше Букајо Сака пред полувремето.
Во вториот дел „топџиите“ дојдоа до втор погодок преку Леандро Тросар, додека конечните 3-0 ги постави Деклан Рајс. Вреди да се истакне и поништениот гол на Семенио поради прекршок врз голманот Раја.
Во моментов Арсенал има четири бода предност пред Манчестер Сити, кој пак на контото има два меча помалку.