Легендарниот Рој Кин упати многу критики на адреса на Арсенал за пристапот на дербито против Манчестер Сити, смета дека „топчиите“ одиграле како мал тим.
Пред крајот на првиот дел, Арсенал остана со играч помалку по црвениот картон на Леандро Тросар, па во продолжените од мечот, Микел Артета постави ултра дефанзивна тактика, „топчиите“ се бранеа длабоко на својата половина.
Гостите имаа само 12,5% посед на топката во второто полувреме, а Хаверц и Тимбер запишаа неславни рекорди и не забележаа ниту едно додавање.
И додека многумина ќе речат дека целта ги оправдува средствата откако Арсенал беше на чекор до победа и прими гол за 2-2 во 98. минута, има и такви кои жестоко го критикуваат тимот од Северен Лондон.
Еден од оние кои упатија замерки е легендарниот Рој Кин.
„Доколку Тони Пулис, Сем Алардајс, Стив Брус или Нил Ворнок поставеа таква игра, сите ќе зборуваа како они биле „диносауруси“. Кога Арсенал постави ваква игра, сега се зборува за „брилијантност““ – вели Рој Кин.
„Кога Арсенал од време на време ќе ја освоеше топката, наместо да се обиде да ја задржи, гледаше како побрзо да ја шутне напред. Бен Вајт еднаш дури и ја шутна право во аут. Па зборуваме за Арсенал, не за клуб од Чемпионшип кој едвај се држи во ФА Купот“.
Легендата на Манчестер јунајтед потоа додаде: „Не можеа да врзат четири-пет додавања. Само ја шутираа топката напред како мал тим, играа со менталитет на мала екипа. Кога гледам дека репрезентативеци на Англија само гледаат како да ја шутнат топката што подалеку… Па не играте во трета или четврта лига“.