Во еден од најдобрите натпревари на првенството во кој видовме дури пет погодоци Австрија успеа да ја изненади Холандија со 2:3 и така заврши како првопласирана во групата во која беа уште Франција и Полска.
Фудбалското шоу беше најавено по шест минути кога Мален си ја погоди сопствената мрежа. Беше подобра Австрија во првиот дел од полувреме и создаде уште некоја добра прилика за погодок. Работите на теренот почнаа да се менуваат кога Роналд Куман во 35. минута го уфрли на теренот Чави Симон на местото на Верман.
Таквата игра вроди со плод по само две минути игра во второто полувреме кога му асистираше на Гакпо за 1:1. Фуриозен беше стартот на вториот дел за Холанѓаните и веднаш крерираа уште две-три добри прилики, а кога ги пропуштија Шмид по вторпат ја доведе Австрија во водство во 59. минута.
На 15. минути до крајот Мемфис Депај одново ги врати работите како на почетокот и го изедначи резултатот, сепак Австрија и во овој момент како да чекаше да прими гол, па повторно да нападне. Сабицер одлично се снајде во 80. минута стрелаше за 2:3.
Во вториот натпревар кој се играше во истиот термин Франција ремизираше со Полска 1:1. Головите ги постигнаа Килијан Мбапе од пенал и Роберт Левандовски.
На табелата во групата Австрија како првопласирана продолжува во следната фаза, Франција е втора, а Холандија ќе помине како третопласирана бидејќи ќе биде помеѓу најдобрите четири селекции од третата позиција.