На Вардар на неколку денови пред натпреварот со Зенит му бил доставен нов ценовник за користење на Арената „Филип Втори“ со значително повисоки суми од претходно.
Според новиот ценовник на ЈПССДП, Вардар за секој натпревар од групната фаза од Лига Европа ќе треба да им плаќа по 34.400 евра плус ДДВ. Сума која е три пати повисока од претходната која исто така не беше за занемарување.
Сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко вели дека побарале информации од различни клубови со цел да ги споредат цените кои тие ги плаќаат.
„Откако го добивме новиот ценовник, направивме истражување. Ги прашавме нашите соседи Црвена звезда и Партизан колку плаќаат за користење на нивните стадиони. Тие ми дадоа информација дека плаќаат по 30.000 евра годишно, плус трошоци за користење на рефлекторите, плус-минус по 500 евра од натпревар. А ние само за еден меч плаќаме 40.000 евра. Прашав и во градот Бриж, таму му го имаат отстапено бесплатно стадионот на Клуб Бриж со услов тој да се грижи за одржувањето, таа е цената тие што ја плаќаат, плус нивни кираџија е Серкл Бриж од кого исто така земаат многу помали суми отколку ние што плаќаме“ – вели Сергеј Самсоненко.
Повеќе за проблемот се осврна извршниот директор на Вардар, Самоил Симев.
Пред 3,5 години го преземавме Вардар. Ветивме дека ќе го вивнеме клубот во европските височини. Вложувањата од година в година се зголемуваа. Многу пати реагиравме на неправди, трпевме многу удари, но некогаш премолчувавме. Но, сега почна да се напаѓа сè што е црвено-црно. На 48 часа пред мечот ни беше доставена зголемена цена. Можеше тоа да се направи претходно, а, не на таков начин. Нам ни преостанува да реагираме за ваквите непрадвди на ваков начин. Останува да ги прегледате цените и да кажете дали е во здрав разум. Собравме информации од нашите соседи, како Црвена Звезда, Динамо Загреб, Партизан, кои добиваат помош до сите страни, затоа што ја претставуваат градот и државата. Сумите за закуп се драстично пониски во Хрватска, Србија, Словенија… иако и трошоците се помали. Од 12.000 евра за европски натпревари, сега ни стигна фактура дека треба да платиме околу 34.000 евра, плус ДДВ.“, изјави Симев.
И покрај високата сума која требало да ја плати клубот, стопанствениците на стадионот не ги завршиле обврските кои ги имале за организација на еден ваков меч.
„Иако ни беше поставена цена од речиси 40.000 евра, се соочивме со низа недостатоци на стадионот, како недоволно вработени за потребите на натпреварот, инвентарот од претходните мечеви не се наоѓаше на соодветно место, хигиената на трибините, подтрибинскиот простор, тоалетите, струјата и интернетот кај новинарите, вештачката трева кај корнерот која беше поставена од страна на ФК Вардар, просториите за Лига Европа кои не беа подготвени, билетарницата, озвучување, места од кои може да се влезе без билет… И покрај озвочувањето на стадионот, ние носевме дополнително и наше, што претставува дополнителен трошок“.
Вардар се надева на поддршка и соработка со државата која треба да му помогне на спортот како најголем репрезент на една земја во меѓународни рамки.