Фудбалската легенда Зинедин Зидан би можел наскоро да се врати на тренерската сцена. На натпреварот на легендите во Тулон, Французинот откри дека очекува за брзо да се врати.
„Наскоро, се надевам!“, кратко одговори Зидан на прашањето на новинарите, поттикнувајќи шпекулации дека повторно ќе седне на клупата на некој голем клуб.
Зидан последен пат беше тренер на Реал Мадрид, од каде што се повлече во 2021 година, вторпат во својата тренерска кариера. Оттогаш не го презеде ниту еден тим, иако неговото име се поврзуваше со повеќе клубови.
Француските медиуми постојано го споменуваат како можен наследник на Дидие Дешам на клупата на репрезентацијата по завршувањето на Светското првенство во 2026 година.
Својата тренерска кариера Зидан ја започна во Реал Мадрид, каде од јануари 2016 до 2018 година освои три титули во низа во Лигата на шампионите (2016, 2017, 2018), два европски Суперкупа, две титули на Светското клупско првенство и шампионската круна во Ла Лига во сезоната 2016/17.