Зинедин Зидан веќе неколку години е без тренерски ангажман по разделбата со Реал Мадрид во 2021 година, но неговата најголема желба одамна е јасна. Француската легенда отсекогаш зборуваше дека сака да го води националниот тим и дека тоа е единствената репрезентација за која би прифатил да работи.
Чекањето траеше подолго од очекуваното затоа што Дидие Дешамп имаше стабилни резултати и цврста позиција на чело на Франција. Сепак, дојде моментот кога Зидан конечно ќе ја добие шансата која ја посакува со години. Постигнат е договор Зизу да стане нов селектор на триколорите, а од претходно беше познато дека Дешамп ќе се повлече по Светското првенство 2026.
Договорот меѓу страните е целосно усогласен и Зидан ќе го наследи актуелниот селектор следното лето, откако тимот ќе го заврши мундијалскиот пат.
Зидан како играч ја донесе Франција до самиот врв и ја предводеше до светската титула, а сега ќе се обиде да го повтори тоа и од клупата. На располагање ќе ја има новата златна генерација, предводена од Килијан Мбапе, од која француската јавност очекува нови трофеи и нова доминација.