Португалската фудбалска јавност повторно на големо го актуелизира името на Жозе Мурињо како можен иден селектор на националниот тим. Според најавите кои кружат низ медиумите, искусниот стратег би можел да седне на клупата по завршувањето на Светското првенство во 2026 година.
Во моментов репрезентацијата ја предводи Роберто Мартинез, но неговиот договор истекува веднаш по мундијалот и во федерацијата веќе размислуваат за следниот чекор. Планот е кормилото да му биде доверено на тренер со големо реноме и авторитет, а прв на листата на желби е Жозе Мурињо.
„Специјалниот“ неодамна повторно се врати во Бенфика и го започна својот втор мандат во клубот, откако прифати договор со важност од две години. Тоа значи дека временски би можел да се вклопи во плановите на федерацијата, која сака нов селектор веднаш по турнирот во Северна Америка.
Останува да се види дали Мурињо ќе биде подготвен за ваков предизвик и дали ќе се реши за прво селекторско искуство во својата богата кариера и тоа на омилената репрезентација, на клупата на својата Португалија.