Жоан Лапорта дополнително ја вжешти атмосферата пред вечерашното финале во Суперкупот на Шпанија против Реал Мадрид во Саудиска Арабија.
На прием во Џеда организиран од Шпанската фудбалска федерација отворено зборуваше за односите меѓу двата клуба и амбициите на Барселона.
„Нашите односи со Реал Мадрид се многу лоши и во моментов се нарушени, иако секогаш можат да се подобрат. Тоа не значи дека нема почит, бидејќи почит секогаш постои без разлика какви се односите и така ќе се однесуваме. Постои силна желба да се освои овој трофеј, заслужуваме да бидеме во финалето и сите навивачи сакаат годината да ја започнеме со пехар. Тимот е максимално фокусиран, Флик не дозволува губење концентрација, работевме исклучително напорно и убеден сум дека ќе победиме, бидејќи имаме кохезивен тим и силен тимски дух, иако и Реал Мадрид има квалитет да победи. Нашиот менталитет е победа и сакаме да им донесеме радост на навивачите“, изјави Лапорта.
Барселона и Реал Мадрид ќе се судрат во Саудиска Арабија за првиот трофеј во сезоната. Натпреварот се игра во терминот од 20:00 часот.