Легендата на „ѓаволите“, Пол Сколс смета дека Манчестер јунајтед повлекол лоши потези на трансфер пазарот и се чуди како не бил ангажиран Џиџо Донарума за нов голман.
Манчестер јунајтед изминатиов викенд загуби на големото градско дерби против Манчестер Сити, па со четири бода по четири кола, го има најлошиот старт по сезоната 1992/93.
Клубот од Олд Трафорд ова лето потроши преку 200 милиони фунти, но најголемиот дел од оваа сума беше за ангажман на напаѓачи – Матеуш Куња, Брајан Мбеумо и Бенџамин Шешко.
Голманот Сане Ламенс исто така пристигна во последните денови од преодниот рок, но Пол Сколс смета дека се повлечени лоши потези на трансфер пазарот, и требало да биде ангажиран Џиџо Донарума, како и нов фудбалер од средниот ред.
„Мислам дека едноставно нема доволно квалитет“ – вели легендата на „ѓаволите“.
„Каква и комбинација да направите од четворицата или петмината фудбалери од средниот ред – Касемиро, Бруно, Мејно – ништо не функционира. Тоа е големиот проблем“.
„Очекував летоска дека приоритет ќе биде фудбалер од средниот ред кој ќе трча, ќе ја контролира играта“.
„Голманот исто така беше проблем. Зарем навистина требаше да го чекаат натпреварот со Гримсби за да сфатат дека Онана не е доволно добар?“
„Да не го купиш Џиџо Донарума кога тој беше достапен – па тоа е за во затвор!“
„Купија тројца напаѓачи, да требаше корекции и во тој дел од тимот, но дали навистина им беа потребни сите тројца? Не сум баш сигурен“.
Пол Сколс исто така смета дека Рубен Аморим мора да ја промени формацијата 3-4-3.
„Не може да продолжи да игра вака, едноставно не може. Во даден момент, мора да помисли, „Треба да променам нешто, бидејќи ова што сега го правам не функционира и не ги бележам посакуваните резултати““.