Денеска од 18 часот ќе почне ждрепката за новата сезона од Лигата на нации, Македонија за првпат ќе игра во Б сегментот.
По одличното издание минатата сезона, македонската фудбалска репрезентација скокна на второто ниво од Лигата на нации каде ќе има значително потешки противници.
Македонија ќе биде влечена од последниот шешир во кој се уште и селекциите на Шведска, Северна Ирска и Косово. Тоа значи дека ниту една од нив нема да може да ни се падне.
Оние кои може да ги добиеме се:
Шешир 1: Шкотска, Унгарија, Полска, Израел
Шешир 2: Швајцарија, Босна и Херцеговина, Австрија, Украина
Шешир 3: Словенија, Грузија, Р. Ирска, Романија
„Репрезентациите од првиот и вториот шешир објективно влегуваат како фаворити, со оглед на нивниот рејтинг, искуство и континуитет на големи натпреварувања. Но, тоа не значи дека однапред се знае исходот. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б“, рече селекторот Гоце Седлоски пред денешната ждрепка.
„Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани и фокусирани од првата до последната минута, можеме да бидеме незгоден противник за секого. Овој циклус го гледаме како нов чекор за напредок на репрезентацијата и шанса дополнително да го потврдиме нашиот квалитет“.
„Верувам дека репрезентацијата ќе расте низ циклусот натпревари во Лига Б и дека имаме стабилна основа за позитивни резултати”, рече пред жрепката предводникот на националниот тим“.
Првото коло од групната фаза во Лигата на нации се игра од 24 до 26 септември, а последното од 15 до 17 ноември оваа година. Четврфиналето и плејофот се на програмата од 25 до 30 март 2027 година, завршниот турнир во А-лигата е од 9 до 13 јуни 2027.